Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира и го осудува омаловажувачкиот однос и нападот кон новинар на лична основа во објавата на Civil Media со наслов: „Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите“.
Во колумната авторот на текстот Љубомир Костовски, велат тие, на непристоен начин го коментира личниот изглед и стилот на облекување на новинарот од ТВ24 Сунаи Сабриоски, а притоа прави обид за негова дискредитација и на медиумот во кој тој работи.
„Укажуваме дека слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности. Неспорно е правото на јавна критика, но критика на физички изглед или стил е крајно омаловажувачко и непристојно. Освен ова, Костовски во својата објава додава: ‘Другите телевизии даваа граѓани кои едноставно оделе во Тинекс и други шопинг центри каде цените – јасно кажаа – се замрзнати. Е, тоа е разликата која чисто покажува дека ТВ 24 е најизразениот идеолошки јаничар на овдешната ТВ сцена’“, реагира ЗНМ.
Според Здружението, објавување на ваков тип на содржина за Сабриоски, но и користење на ваков вокабулар кон било кој медиум, може да поттикне говор на омраза од трети лица.
„Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза“, велат од ЗНМ.
Од таму посочуваат дека уредничкиот тим на овој медиум, не смее да се затскрива зад правото на став и колумна на своите соработници и тие имаат обврска да укажат кога со одредени написи може да се загрозат туѓи права како што е во случајов правата на Сабриоски, но и правата на потенцијално други медиумски работници од оваа телевизија.
„Оттука, го повикуваме авторот на текстот Љубомир Костовски и уредникот на онлајн медиумот Civil Media јавно да се извинат на колегата од ТВ24 Сунаи Сабриоски“, велат од ЗНМ.