Здружението на новинарите на Македонија силно ги осудува нападите на колегите од А1Он, новинарот Александар Тодевски и камерманот Владимир Желчевски, кои синоќа беа претепани од учесници на протестот организиран од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Очекуваме МВР брзо да ги идентификува насилниците и да поднесе соодветни пријави, а судот најостро да ги санкционира.
Насилството врз новинари претставува најсериозен атак на слободата на медиумите и негирање на фундаменталното право на јавноста да биде информирана. Политиката на неказнивост на насилството врз новинари, која власта ја спроведува, ги потикнува ваквите напади.
Го повикуваме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, јавно да го осуди вчерашниот напад врз новинарите и да ги повика неговите приврзаници на протести да не напаѓаат новинари.
Во знак на револт поради зачестените напади ги повикуваме сите новинари да не известуваат од вечерашниот протест на иницијативата „За заедничка Македонија“. Во иднина нашиот став во врска со покривање на овие настани ќе зависи од подготвеноста на организаторите и на МВР да обезбедат услови за работа на новинарските екипи.