ЗНМ: Да прекине оценувањето на новинарите на МТВ со административни критериуми

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) протестира против оценувањето на новинарите и креативниот кадар на Македонската радио телевизија согласно Законот за јавни службеници.

ЗНМ потенцира дека новинарите и креативниот кадар на МРТ не смеат да се третираат како јавна администрација и даватели на јавни услуги, затоа што, велат тие, така се нарушува институционалната автономија и се оневозможува неговата улога како јавен радиодифузен сервис на граѓаните.

„Нивното оценувањето како дел на јавна администрација претставува политички притисок врз нашите колеги и обид да се влијае врз уредувачката политика на јавниот сервис. Програмскиот совет и директорот на МРТ треба веднаш да го одложи оценувањето на новинарите на јавниот сервис со административни критериуми се додека не се извлечат нашите колеги од Законот за вработените во јавниот сектор“, реагира ЗНМ

Исто така, бараат од Министерството за информатичко општество и администрација, како што велат, да престане да врши финансиски притисок врз МРТ.

„Јавниот сервис отчет дава само пред Собранието на Македонија и на никој друг. МИОА нема право да бара месечни извештаи за финансиското работење на МРТ затоа што со тоа врши упад врз финансиската независност на јавниот сервис“, забележува ЗНМ.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.