Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) повторно ги осуди јавните дисквалификации како и непримерниот однос на градоначалникот на општина Струга, Рамис Мерко, кон новинарот од Телевизија Алсат М од Охрид.
ЗНМ реагира поради тоа што Мерко вербално ги нападнал новинарите на пресконференција. Тој го обвинил новинарот на Алсат М дека работел за опозицијата.
Ова е втор јавен инцидент со новинари на градоначалникот Мерко за помалку од месец. Претходно тој навредил и новинарка од Телевизија Алфа на пресконференција на која се поставувале прашања за градби на брегот на Охридското езеро во струшкиот регион.
„ЗНМ за константниот недоличен однос на градоначалникот Мерко кон новинарите ќе ја извести меѓународната заедница и ќе побара од локалните новинари да не ги проследуваат прес конференциите во организација на општина Струга доколку тој не се извини за својот однос кон нашите колеги. Потсетуваме дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од страна на граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај лична пресметка на јавни настани не може да биде оправдана“, стои во реакцијата на ЗНМ.