ЗНМ годишни награди: Ѕвездан Георгиевски за животно дело, а ИРЛ за најдобра истражувачка сторија

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера ги додели традиционалните годишни награди, оддавајќи признание на најистакнатите новинари и медиумски професионалци.

Комисијата за награди во состав Герман Филков, Душица Мрѓа и Сенат Зулбеари годинава ја додели наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ на Ѕвездан Георгиевски, како признание за неговиот траен придонес во македонското новинарство.

Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ беше доделена на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ) за сторијата: „Службеничка од пошта ги штитела централите на ЕСМ од пепел, ‘пеплосан’ државниот буџет“.

За најдобро новинарско известување на локални и регионални теми, наградата ја доби Фисник Џелили од Порталб.мк за сторијата „Насилството меѓу учениците – сериозен аларм во Тетово “.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), за првпат од своето основање, од оваа година воспоставува доделување на престижна награда за најдобар снимателски проект од јавен интерес, со што ја потврдува својата заложба за унапредување на новинарските и медиумските стандарди.

Оваа награда ја доби Иван Поповиќ за прилогот на тема: „Климатски миграции: Преспа во трка со времето да ја зачува водата“, објавено на платформата doma.edu.mk.

Признанија за посебен придонес во промоцијата на професионалното истражувачко новинарство добија: Новинарскиот истражувачки магазин КОД од ТВ Телма за сторијата: „Тендерите во лотарија за набавка на видеотерминали и милионите евра“.

Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за серијата на прилози на тема: „Бојан Христовски, поседува сертификат за познавање на англиски јазик од студио/училиште кој датира од период во кој издавачот на сертификатот ниту остварувал приходи (не работел), ниту пак бил на листата правни субјекти“, објавено на 360 степени.

Трајче Антоновски снимател од ИРЛ за најдобра камера и филмско изразување за сторијата на тема: Украдени животи.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање пред присутните ги нагласи предизвиците со кои се соочуваат новинарите и важноста на солидарноста во фелата:

„Денеска, со овие награди, ја славиме храброста, истрајноста и професионалноста на македонските новинари. Ги наградуваме оние што преку истражувачки приказни ја разоткриваат корупцијата и неправдата. Ги наградуваме оние што одат на терен, што зборуваат со луѓето, што пишуваат за гласовите кои ретко се слушаат. Ги славиме и оние кои преку своите колумни и анализи нè тераат да размислиме, да преиспитаме и да делуваме. Оваа година имавме рекорден број на пријавени апликации, стории, теми, анализи, видео проекти. Овие награди треба да бидат токму тоа – симбол на солидарност, на заедништво, на поддршка кога е најпотребна. Комисијата имаше одговорна задача, но уверен сум дека направи внимателен избор. Честитки за сите, не само за добитниците – секоја добра приказна е победа за јавниот интерес“, потенцираше Чадиковски.