ЗНМ и МВР со протокол за безбедност на новинарите на интернет

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) остварија средба на која беше промовиран Протокол за безбедност на новинарите на интернет, со фокус на новинарките.

Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице-контакт точка за интернет заканите кон новинарите и, воопшто, медиумските работници.

„Протоколот нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и, воопшто на интернет, преку проактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Ова е една од низата активности кои заеднички ги спроведуваат МВР и ЗНМ за подобрување на безбедноста на новинарите, од 2017 година, кога беше потпишан Меморандум за соработка“, велат од Министерството.

Членови на работната група составена за подготовка на овој протокол од ЗНМ беа Младен Чадиковски и Драган Секуловски, Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност Скопје при УКЛО Битола, Јасна Бачовска Недиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ Скопје, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност и стратешко планирање при МВР, а од новинарките, членови на работната група беа Сашка Цветковска, Еви Шкопи и Кристина Атовска.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека овој протокол е чекор плус во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите.

„Сметаме дека ова е позитивен исчекор во рамките на зголемување на безбедноста на колегите новинари и новинарки. Денес, не само што се соочуваме со загрозување на нашата безбедност, туку се соочуваме и со опасноста од онлајн закани, каде што, за жал, поголеми жртви се новинарките“, изјави Чадиковски.

На почетокот од неделава објавен беше извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година во кој насилството и заканите за насилство кон новинари беше потенциран како еден од проблемите во земјава.

„Заклучно со 15 август ЗНМ добиле осум жалби од новинари, меѓу кои и полициски распити на новинари за ‘информативни разговори’, спречување на новинарите во вршење на нивната должност, закани и навреди кон новинари за време на нивни работни задачи и несоодветно постапување од владини и локални функционери и членови на партија“, пишува во извештајот.

 

Напади врз новинари, неодговорност за родово-базираното насилство и владина корупција, евидентира Стејт департментот за С. Македонија