ЗНМ и СЕММ: Апел за внимателно известување за трагедијата во Кочани

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) изразуваат длабоко жалење до семејствата на жртвите и до настраданите во трагичниот пожар што се случи во Кочани.

„Со оглед на сериозноста и сензитивноста на случајот, апелираме до сите новинари и медиуми доследно да ги почитуваат етичките принципи од Кодексот на новинарите и другите професионални стандарди, притоа внимавајќи на почитување на личната болка на семејствата на загинатите и повредените лица. Информирањето треба да биде засновано на потврдени информации од официјални извори, а сензационалистичките шпекулации и непроверени вести мора да се избегнат“, соопштуваат медиумските организации.

Во таа насока, ги повикуваат медиумите да се придржуваат кон следните принципи:

  • Да се избегнува сензационализам – драматични наслови, фотографии и видео-материјали што можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност во јавноста.
  • Да се објавуваат само проверени информации – пренесени од релевантни извори, добро и двојно проверени, без шпекулации и непотврдени наводи.
  • При интервјуирање и снимање сведоци или блиски на жртвите – да се покаже емпатија, почит кон нивните чувства и да се внимава при начинот на поставувањето прашања и водење на разговорите
  • Известувањето да биде одмерено и непристрасно – со цел да не се создава дополнителна загриженост во јавноста преку пренагласување или сензационално толкување на случувањата.

„Новинарите треба да се водат од принципите на одговорно и хумано новинарство, имајќи предвид дека нивните извештаи директно влијаат на јавното мислење и психолошката состојба на граѓаните“, посочуваат ЗНМ и СЕММ.

Ги охрабруваат сите граѓани кои ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават преку официјалните формулари достапни на веб-страниците на ЗНМ и СЕММ. Со тоа, велат тие, ќе се овозможи детектирање и евидентирање на медиумите што не ги почитуваат професионалните стандарди.