Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), нагласуваат дека е од големо значење медиумите да информираат одговорно и професионално во врска со конфликтот помеѓу Израел и Палестина.
Односно, велат тие, потребно е да се почитува Koдексот на новинарите и Етичките насоки за онлајн известување за кризни ситуации со цел да се стопира ширење на шпекулации, невистини и непроверени вести во јавноста.
„Од медиумите очекуваме строго придржување кон Кодексот на новинарите, објективност и максимална проверка на изворите, а информациите што се пласираат на социјалните мрежи да се употребуваат со особена внимателност.Известувањето за конфликтот треба да биде одговорно и професионално пред се, да се стреми да обезбеди избалансирано, засновано на факти информирање, осигурувајќи дека сите страни од конфликтот се прецизно претставени додека се придржуваат до принципите на етичкиот новинар“, соопштуваат тие.
Потсетуваат дека медиумите во ниту еден случај не смеат да бидат злоупотребени за да се шири говор на омраза и дезинформации.
До уредниците упатуваме препорака особено да внимаваат околу објавувањето на фотографии и снимки од повредени или загинати, имајќи предвид дека се работи за сензитивен материјал со вознемирувачка содржина, кој може да допре ранливи категории на граѓани и малолетни лица“, се вели во соопштението.
Ги повикуваме граѓаните кои ќе забележат непрофесионално новинарско известување веднаш да реагираат до Советот на чест при ЗНМ (contact@znm.org.mk) и СЕММ со поднесување на претставка против медиумот (https://complaints.semm.mk).