Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелираат до медиумите кога известуваат за настани во кои има трагични последици проследени со загубени човечки животи доследно да го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија.
По сообраќајната несреќа што се случи синоќа, во близина на трговскиот центар „Сити мол“ од чии последици според официјални информации животот го загуби едно лице, ЗНМ и СЕММ со загриженост реагираат на ширењето на сензационалистички наслови и информации.
„Објавите преку кои се прикажуваат експлицитни кадри од сообраќајната несреќа може да ја вознемират јавноста и да предизвикаат дополнителна душевна болка кон членови на семејството и блиски лица на починатите“, велат новинарските здруженија.
Тие потенцираат дека медиумите имаат обврска да ја информираат јавноста за информации од јавен интерес, но притоа да ја почитуваат приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, а во согласност со членот 8 од Кодексот на новинарите според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“.