Утринава пристигна пријава до ЗНМ од страна новинарска екипа на телевизија Алсат која била спречена да ја врши професионално својата работа за време на протестот во општина Чашка пред ОУ „Тодор Јанев“ против воведување паралелка на албански јазик во училиштето, се вели во заедничката реакција која денеска пристигна до медиумите од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (ССНМ).
Тие посочуваат дека откако новинарот Авни Тахири и снимателот Новица Апостолоски пристигнале пред општината, дел од луѓето што протестираат им забраниле пристап и влез во општината и почнале вербално да ги напаѓаат, притоа пробале и физички да ја тргнат камерата, како што се гледа и од видеото објавено на Фејсбук страната на ТВ Алсат.
„’Шо снимаш бе… Симни ја камерата, 100 пати ти рекоа симни ја камерата, прекини!’. На реакција на снимателот Апостолоски кој вели – не сум дома дојден да снимам, еден од протестантите вели ‘Па дома ми дојде, мое е ова бе, шо државно бе, само тоа сте научиле, тргни се оттаму ајде’. Потоа, по кратка недолична конверзација, лицето кое се обидува да го избрка снимателот, влегува во општината и не дозволува да влезе во општината“, се посочува во реакцијата на медиумските организации.
Тие додаваат дека според кажувањето на Тахири, по завршување на инцидентот, тие повторно се обиделе да влезат во општината со цел да земат изјава од градоначалникот, но уште еднаш биле спречени да влезат, овој пат од чуварот во општината.
ЗНМ и ССНМ оттука бараат објаснување од општината во врска со спречувањето на новинарската екипа да влезе во јавна установа.
„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“, децидни се ЗНМ и ССНМ.