ЗНМ: Изборот на директорот на Академијата за судии и обвинители да биде на јавна седница

Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено што Академијата за судии и јавни обвинители нема да дозволи присуство на новинари на следната седницата на Управниот одбор, која треба да се одржи во среда кога се очекува да се избере новиот директор на Академијата.

Укажуваат дека одлуката на Академијата да ја исклучи јавноста од следната седница е во спротивност со членот 6 на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, кој предвидува нејзината дејност да се врши јавно, транспарентно и одговорно.

„Спречувањето на новинарите да ја следат расправата на членовите на Управниот одбор во врска со пријавените кандидати за директор на Академијата, е обид да се работи зад грбот на јавноста и фрла сенка врз процесот на изборот на новиот директор, за кој се пријавиле квалитетни кандидати.

Го повикуваме судско-медиумскиот совет да се интересира за случајот и да побара од судските органи кои имаат делегирани членови во Управниот одбор на Академијата објаснување зошто седницата е затворена за јавноста.

Апелираме министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, да го повика членот на Управниот одбор на Академијата, предложена од Министерството за правда, Љубица Караманди Попчевски, да побара расправата за изборот на новиот директор да биде отворена за јавноста“. стои во нивното соопштение.

Додаваат и дека најавените реформи во судството се осудени на неуспех ако уште во раните фази процесот биде нетранспарентен.

Мирјана Лазарова Трајковска, Наташа Габер Дамјановска, Елена Андреева и Александар Маркоски се четворицата кандидати за директорското место на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Седницата на Управниот одбор на Академијата, на која ќе се избира директор и заменик директор, ќе се одржи во среда, без присуство на јавноста. По завршувањето на седницата е најавено дека јавноста преку писмено соопштение ќе дознае кој е новиот директор и заменик-директор на Академијата.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.