Здружението на новинари на Македонија остро ги осудува смртните закани против новинарот Бранко Тричковски што ги упати актерот Тони Михајловски, кој денеска на неговиот Фејсбук профил напиша дека би можел да го убие Тричковски без да му трепне око.
„Говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинари е апсолутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Смртните закани имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите.
Јавно повикуваме да престанат сите видови на закани и притисоци против новинарите затоа што ваквиот насилнички говор не може да се смета како слобода на изразување, туку е тешко кривично дело кое се казнува со затвор“, велат од здружението.
Од ЗНМ информираа дека наредната недела до Јавното обвинителство ќе достават писмено барање за кривично гонење на Михајловски.
„Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите“, се вели во реакцијата на здружението.