Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на вчерашното попречување на вршење на работата на новинарот Невриj Адеми од Тетова Сот, на кој му била одземена опремата и насилно бил отстранет од просториите во тетовско средно училиште од непознато лице.
Според изјавите на Адеми, вчера во просториите на тетовското средно училиште ,,7-ми Март”, додека чекал да сними прилог со директорот на ова училиште, од непознато лице му бил одземен мобилниот телефон и турнат микрофонот. Веднаш потоа истото лице користејќи груб речник, се обидел да го истурка новинарот надвор во училишниот двор.
„Еден човек излезе од канцеларијата на директорот на училиштето кој ми рече дека директорот не е на работа и дека бил многу зафатен со обврски. Јас му одговорив дека ќе го почекам тука и во тој момент човекот ме фати за рака за да ме избрка надвор, јас му реков да не ме допира. Тој продолжи да ме брка од училиштето и ми го зема телефонот и микрофонот од рака“, изјави Адеми.
Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, а ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира на одговорност од страна на лицето кое го спречило новинарот Адеми да ја врши својата работа.
„Ова е втор инцидент кој се случува годинава со новинарот Невриј Адеми, тој во првиот немил настан беше бркан од лице со секира од место на кое исто така снимал прилог, за што напаѓачот беше кривично гонет, а потоа и осуден“, се вели во реакцијата на ЗНМ.