Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска ја осуди постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на Комунална хигиена – Скопје кои, како што посочуваат сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.
Од ЗНМ велат дека според новинарите, настанот се случил денеска во просториите на јавното претпријатие во Скопје.
„Во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на ‘Комунална хигиена – Скопје’, против волја на двајцата новинари ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири“, стои во реакцијата на ЗНМ.
Дополнително, оттаму се децидни дека инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење.
„Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие“, додаваат од ЗНМ.
„Затоа ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи веднаш да го истражи овој случај и да ја извести јавноста за оваа недозволива постапка кон новинарите од страна на службениците на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“. Освен ова, бараме од страна на ново назначената директорка на оваа институција, Косана Мазнева, итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности“, бараат од ЗНМ.