Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за денешниот напад кон новинар и снимател од ТВ Полог, Тетово.
Имено, велат од ЗНМ, денеска за време на снимањето инсерти за репортажа од основното училиште ,,Наим Фрашери” во село Ѓурѓевиште, општина Врапчиште, Гостиварско околу 14:00 часот новинарот Неври Адеми и снимателот Збулим Максути, вербално, а потоа и физички биле нападнати од страна на едно лице.
„Според изјавите на нашите колеги, за потребите на репортажата за спроведувањето на проектите во училиштето додека тие снимале во училиштето Бурхан Хамити им се обратил со вербални навреди и закани, при што го фатил снимателот за глава и го туркал по скалите во училиштето“, соопштува ЗНМ.
ЗНМ веднаш контактирал со новинарот на ТВ Полог Неври Адеми и тој им потврдил за овој инцидент и им дал конкретни информации.
„Додека снимавме и работевме на репортажата со колегата снимател Збулим, ни се доближи лицето Бурхан Хамити и откако ни се обрати со погрдни зборови, ме фати за глава и ме буткаше по скали. Потоа слезе во училишниот двор и почна да не брка со секира. Ние брзо влеговме во автомобилот и се упативме до полициска станица да го пријавиме нападот, а напаѓачот цело време не следеше со неговиот автомобил дури до селото Неготино, гостиварско“, изјавил Адеми.
ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот.
„Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, се вели во реакцијата на ЗНМ.