Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска реагираше на односот на полициските службеници кои во текот на денешниот ден, како што велат, спречуваа новинари и медиумски екипи да си ја вршат професионално својата работа околу црквата Свети Спас во Скопје.
Од здружението посочија дека до нив пристигнала реакција од повеќе новинари и медиумски работници кои биле спречени при вршење на професионална работата на јавен простор околу црквата Св. Спас каде се наоѓаат моштите на Гоце Делчев.
„На прашањето зошто не смеат да снимаат, од службата за комуникации при МВР добиле одговор дека имаат таква наредба, притоа без детали за одлуката. Бараме од МВР да овозможи пристап и да не го попречува правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните. ЗНМ бара од МВР да овозможи пристап за новинарите и медиумските екипи, на локациите за кои новинарите сметаат дека се важни за јавноста, со цел да се заштити слободата на известување и јавно информирање. Со почит кон безбедносните протоколи и проценки на МВР, o укажуваме дека тие не треба да водат кон цензура во која новинарите и јавноста би биле лимитирани или целосно ускратени за информациите кои се поврзани со овој настан од исклучителен јавен интерес“, соопштија од ЗНМ.
Во пресрет на чествувањето за Гоце Делчев, здружението потенцираше дека со оглед на тоа што станува збор за настан од исклучителен јавен интерес, неопходно е да се обезбедат услови за непречено известување на новинарите, како на самиот ден на известување така и денеска.