Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска преку соопштение ги осуди „грубите дисквалификации“ и најостро го осуди, како што велат, „недоличниот однос“ на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко кон новинарка на Алфа ТВ и новинарите кои вчера беа на прес-конференцијата поврзана со акцијата за отстранување на платформи од плажи во Струга.
„Потенцираме дека јавните личности, особено избраните функционери се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа и треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици“, стои во соопштението на ЗНМ.
Истовремено, оттаму истакнуваат дека слободни медиуми и новинари се основата на функционирањето на секое демократско општество, а предуслов за таа слобода, како што додаваат е и можноста за работење на медиумските професионалци во атмосфера ослободедна од закани и навреди.
„Новинарите работат за јавноста и дозволено е нивните постапки да бидат предмет на критика, но само доколку таа е аргументирана, културна и не предизвикува говор на омраза, повици за загрозување на нивната безбедност и слично. Апелираме во иднина градоначалниците како претставници на политичките партии сериозно да поработат на односот со новинарите бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите“, се додава во нивното соопштение.