Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вечерва реагираше дека на денешната попладнева конференција за медиумите организирана од Државната изборна комисија (ДИК), претседателот Александар Даштевски имал непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите кога се обидувал да одговара на новинарските прашања.
„На новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк тој наместо да одговори конкретно имаше вербална расправа со колешката. Имено Даштевски пропушти да даде конкретен одговор и истовремено се интересираше колешката од која телевизија е по што и се обрати со зборовите: ‘треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање’ како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува“, стои во реакцијата на ЗНМ.
Оттаму посочија дека според изборниот законик, Даштевски има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право.
„Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на Претседателот на ДИК или не“, додаваат од ЗНМ.
Истовремено, од здружението посочија дека новинарите и медиумите играат клучна улога во процесот на изборите, не само да направат увид на работата на надлежните институции, туку и, како што додаваат, да им овозможат на граѓаните да ги имаат сите потребни информации.
„За да биде задоволено правото за информирање, посебно на денот на изборите, нужно е Државната изборна комисија и сите останати институции да се отворени кон новинарите преку навремено и целосно давање на информации на неселективен начин“, велат од ЗНМ.
Освен ова, во текот на денот, тие објаснуваат дека до нив пристигнале неколку поплаки од онлајн медиуми за попречување на нивната работа од симпатизери на политички партии, како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје и неколку други градови.
„Со цел да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки бараме нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста“, децидни се од ЗНМ.