Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува односот на униформираниот службеник од затворот Скопје во Шуто Оризари, за кој велат дека истурка новинари и сниматели и ги попречи во вршењето на нивната работа при излегувањето од притвор на екс директорот на УБК Сашо Мијалков вечерва пред затворот.
„ЗНМ ќе повика и на одговорност од страна на МВР како и Директорот на затворот за крајно непримерниот и недозволив однос од страна на униформираниот службеник кон новинарските екипи на ТВ Клан и А1он“, стои во реакцијата на ЗНМ.
Претходно А1он објави текст со видео, преку кој потенцираат дека полицаецот, кога Мијалков излегувал од капијата на затворот, излегол пред него, па со викање и туркање ги тргал микрофоните на новинарите што поставуваа прашања.
А1он исконтактирал и со директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов. Тој во кратка изјава на медиумот посочил дека се проверуваат снимки од затворските камери, но се преземаат и други мерки за утврдување на можна дисциплинска постапка.