Ги повикуваме политичките партии да демонстрираат демократска зрелост и одговорност и без одлагање да го прифатат предлогот на европскиот посредник Питер Ван Хауте за вистински реформи во медиумскиот систем, велат од Здружението на новинарите на Македонија.
Утре политичките партии ги продолжуваат разговорите за реформата во медиумскиот систем, што е една од клучните предуслови за решавање на политичката криза и за обезбедување предуслови за слободни избори.
„Овој предлог се базира на најдобрите европските практики дополнет со најдобрите идеи од македонските новинари, медиуми и експерти. Тој ќе ги ослободи македонските медиумите од притисокот на политиката и ќе придонесе да имаме попрофесионални и поодговорни медиуми.
Со прифаќање на предлозите на Ван Хауте, МРТ ќе биде сервис на граѓаните, а на не политичките партии, а Агенцијата на медиуми стручно и професионално тело кое ќе ја штити слободата на медиумите. Со тоа, исто така, ќе престане една лоша практика власта со јавни пари да ги корумпира и контролира медиумите.
Со спроведувањето на понудените реформите Македонија ќе научи важна лекција дека во демократски земји медиумите треба да работата без притисок со цел точно и навремено да ги информираат граѓаните и да бидат коректив на работата на секоја власт. Со реформите во медиумите ќе обезбедиме услови за слободни избори и ќе направиме сериозен чекор напред за побрза интеграција во ЕУ.
Ги повикуваме ЕУ и САД да ги убедат политичките партии да ги прифатат предлозите на Ван Хауте и да не направат болни компромиси кои нема да бидат во интерес на слободата на медиумите“, велат од ЗНМ.