ЗНМ: Политиката на неказнивост на насилството врз новинарите се уште има длабоки корени

Во Македонија немаме убиен новинар, но тоа не значи дека институциите не треба сериозно да ги сфатат сите закани врз новинарите. Никој не веруваше дека во Словачка или Бугарија, членки на Европската унија дека може да се убијат новинари, но за жал тоа се случи. Безбедноста на новинарите во Македонија полека се подобрува. Бројот на напади во споредба со претходната година се намали од 18 на шест, а институциите после една деценија почнаа да ги казнуваат напаѓачите на новинари, рече денес претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, потенцирајќи дека и покрај позитивните примери, политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во земјава се уште има длабоки корени.

Селмани беше дел од заедничкиот настан на ЗНМ, Мисијата на ОБСЕ и МВР, организиран по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите.

Пред јавноста беше помовиран Прираникот за безбедност на новинарите на настаните со висок ризик, а Селмани рече дека политичката волја на Владата и министерот Спасовски да стават крај на нападите на новинари, не ја следи и бирократијата во полицијата и обвинителството.

„Тие се уште водат неквалитетни и неефикасни истраги. Од извештајот на полицијата и обвинителството можете да разберете дека од 59 напади на новинари, само двајца напаѓачи се казнети со ефективна казна, и само уште еден предмет во обвинителството е целосно истражен за кривично гонење. 13 предмети се целосно нерасветлени, за кои полицијата тврди дека тешко ќе може да се расветлат затоа што во минатото се воделе неквалитетни истраги или дури во некои случаи се уништени и докази“, нагласи Селмани.

Според него, и тие предмети што полицијата ги третира за истражени, во суштина се нерасчистени, а за да биде ситуацијата уште посериозна, вели тој, одредени структури во полицијата се солидаризираат со нивни колеги што напаѓаат новинари.

„Таков е случајот на еден полицаец кој пред две години тепаше новинар на протест. Беше утврдено дека тој ги пречекорил овластувањата, но МВР место да покрене постапка пред обвинителство, доставува само известување. Слични примери на забошотување на истраги има и во Обвинителство. Девет месеци не беа доволни на еден обвинител да ја заврши истрагата против едно лице кој во март годинава упати експлицитни смртни закани против новинар. Ние сме сериозно загрижени и заради арбитрарното приведување на новинари во полиција. Таквата практика на застрашување мора веднаш да престане затоа што тоа може да има чилинг ефект врз слободата на медиумите“, рече Селмани.

Слободата на информирањето и известувањето, слободата на непречено вршење на новинарската професија, нагласи во обраќањето министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се незаобиколни и суштествени одредници кои го даваат смисолот на сето она што го дефинираме како јавно работење и јавен интерес. Според стандардите на демократијата, тие се и бедеми и чувари на поединечните и колективни права и слбооди, на зкоанитоста односно на легалитетот како есенција на општественото егзистирање.

„Не треба да се има ни малку дилема дека една од примарните задачи и должности на институциите на системот, на извршната влааст односно на оние кои добиле мандат да владеат е постојано да работат на креирање квалитетен амбиент за остварување на сите тие слободи важни за функционирањето на медимите, да ги надградувбаат тие принципи, да комуницираат и соработуваат со седмата сила. Бенефитот е заеднички“, рече Спасовски.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потенцира дека понатаму ќе бараат од државните власти да ги исполнат меѓународните обврски и заложбите на ОБСЕ за заштита на новинарите и медиумските работници и итно, темелно и ефекaсно да ги истражат наводните кривични дела и сторителите да бидат изнесени пред лицето на правдата.

„Новинарите играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, тие се суштински дел од темелите на секое демократксо општество“, рече Која додавајќи оти често во регионот на ОБСЕ новинарите се соочуваат со одмазда само заради вршењето на својата работа, додека злосторствата против нив остануваат неказнети.

Амбасадорот информираше дека ОБСЕ ќе овозможи да се воспостави телефонска линија за помош на која ќе можат новинарите да пријавуваат напади, а за да ОБСЕ ќе дистрибуира и заштитни капи и елеци, со што ќе се овозможи полицијата да ги разликува новинарите од останатите и да ги штити од инциденти.

Фото: ЗНМ 

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.