Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) укажува на непримерна јавна комуникација од страна на Димитар Апасиев, пратеник и лидер на политичката партија Левица кон телевизијата Канал 5.
Во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук, од 2-ри март, меѓу другото го истакнува и следното:
„Од сите куртон-медиуми, само (К)АНАЛ 5 продужува упорно со вмроидната хајка против Левица!?“.
„Со оваа објава, Апасиев прави обид за дискредитација на медиумот Канал 5, а со користењето на вулгарни фрази може да се поттикне говор на омраза од страна на неговите следбеници. Ваквиот начин на обраќање кон медиумите од страна на лидери на политички партии е неприфатлив и истиот може да ја загрози сигурноста на медиумските работници“, велат од ЗНМ.
Оттаму укажуваат дека политичарите треба да се одговорни во своите јавни настапи бидејќи тие се јавни личности кои придонесуваат во креирањето на јавно мислење, а со своите постапки можат да влијаат негативно врз граѓаните кои ги следат.
„Доколку било кој политичар, или граѓанин, е незадоволен од конкретна новинарска или пак медиумска содржина, на располагање ги има медиумско само-регулативните механизми, и тоа: Советот на чест при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)“, посочуваат од ЗНМ.
Здружението потсетува дека ново формираното Координативното тело за пријавување и постапување по претставки за време на избори или референдум, постапува во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.
„Политичката партија Левица е во неколкуте партии кои имаат потпишано пристапница за почитување на принципите на Кодексот на однесување во онлајн сферата за време на изборни процеси и референдуми, што претставува основен документ за работата на ова Координативно тело во рамки на медиумскиот регулатор“, подвлекуваат од ЗНМ.