Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) информира дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК).
„Претставката се однесува за непрофесионален однос на претставник од избирачкиот одбор на избирачко место бр.2762 во општина Кисела Вода во Скопје каде колешката Јордановска била спречена во извршување на својата професионална новинарска работа“, велат од ЗНМ.
Според пријавата од новинарката Јордановска до ЗНМ, и покрај што таа уредно се претставила и ја покажала својата новинарска легитимација, членот на избирачкиот одбор во гласачкото место во кино салата во општина Кисела Вода во Скопје не и дозволила да фотографира во просторијата каде што се одвивало гласањето.
„Укажуваме дека вакви и слични инциденти не смеат да станат пракса каде новинарите и медиумските работници се спречени професионално да си ја вршат својата работа за време на изборниот процес“, потенцираат од ЗНМ.
Од таму нагласуваат дека ЗНМ со внимателност ќе ја следи постапката за овој случај до надлежната институција и ќе бараат одговорност од Државната изборна комисија (ДИК) да биде изречена санкција кон членовите на избирачките одбори кои ја попречуваат работата на новинарите.