Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира и изразува сериозна загриженост што Kабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, велат тие, во изминатиот период им понудил безбедносни сертификати на одредени новинари наводно во име на поголема транспаретноста на институцијата.
„Имаме сериозни информации дека најголем дел од новинарите што се повикани на брифингот во кабинетот на Претседателот потпишале бланко барање за добивање безбедносен сертификат, без да имаат можност да се информираат за правата и обврските на носителите на ваков сертификат и како тоа ќе се одрази на нивната работа“, соопштува ЗНМ.
ЗНМ смета дека доделувањето на вакви сертификати за новинари претставува притисок врз новинарската професија, со тоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвора во државни службеници.
„Ваквиот непромислен потег на претседателот Иванов ја загрозува и слободата на медиумите и претставува обид за контрола, затоа што поврзување на новинарите со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне самоцензурата. Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да им нареди на неговите советници веднаш да ја прекинат постапката за издавање безбедносни сертификати на новинарите. Ако претседателот сака да ја зголеми транспаретноста тоа може да се направи со почести контакти со медиумите и објавување на сите информации од јавен карактер со кои располага институцијата“, соопшти ЗНМ.
Исто така, ЗНМ ги повикува колегите новинари веднаш да се откажат од барањето за добивање сертификат бидејќи, велат тие, тоа е во спротивност со Кодексот на новинари.
„Тој нè обврзува да ги почитуваме законите на земјата, но исто така бара од нас да не сокриеме информација, што е во спротивност со јавиот интерес“, потенцира ЗНМ.
Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, пак, демантира дека издавале безбедносни сертификати на новинари, посочувајќи дека ЗНМ е погрешно информиран. Според кабинетот, врз основа на деловникот за работа на Советот за безбедност седниците во определени случаи можат да бидат јавни.
Стручни лица, наведуваат, може да учествуваат во работата на Советот, односно Советот за безбедност може да формира работни тела за разгледување на прашања сврзани со безбедноста и одбраната.
„Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ. Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран истек на информации, што врши ерозија на институциите“, стои во реакцијата од кабинетот на Иванов.
Инаку, според Законот за класифицирани информации, сертификатите ги издава Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации (ДБКИ). Постојат четири нивоа на сертификати почнувајќи од највисокиот „Државна тајна“ кон пониските: „Строго доверливо“, „Доверливо“ и „Интерно“. За сите, освен за најниското „Интерно“, покрај своерачно пополнето барање потребна е и дополнителна безбедносна проверка.