Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го нарекоа „скандалозно“ и „срамно“ решението на Апелациониот суд во Скопје кој одлучи предметот против новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ да го врати на повторно судење.
Станува збор за приватната кривична тужба на пратеникот и претседател на политичката партија Левица, Димитар Апасиев против новинарите Јордановска и Петровиќ и правното лице ОНЛАЈН МЕДИЈА ДОО од Скопје за кривичното дело „Неовластено објавување на лични записи“.
Повод за тужбата на Апасиев кон новинари беше објавениот текст насловен како „„Сороспии“ и „курирци“ – Апасиев агресивен кон новинарите на „А1он“ откако беше запрашан дали ќе ги задржи буџетските пари“, објавен на 7-ми декември 2020 година на онлајн медиумот „А1он“.
„Потсетуваме дека во постапката за овој случај која траеше речиси една година, тужителот не се појави лично ниту еднаш на судска расправа, а новинарите повеќе пати присуствуваа на расправи во судот каде ја застапуваа својата одбрана. Основниот кривичен суд Скопје пресуди во полза на новинарите во февруари оваа година, а со решението Скопска Aпелација го враќа на повторно судење и новинарите веќе имаат покана за рочиште овој месец. Ваквите одлуки на судиите од Апелациониот суд во Скопје и ваквата судска пракса, кога станува збор за приватни тужби на лидери на партии и пратеници кон новинари, негативно се одразува на слободата на изразување и поттикнува самоцензура“, соопштија од ЗНМ.
„Повторно укажуваме дека ваков вид на тужби служат да се предизвика заплашување и разни трошоци или едноставно исцрпување на тужените новинари. Целта не е да се добие правда туку да се малтертираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат цензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, додаваат од Здружението.
Од ЗНМ информираа и дека за ова решение на Апелацискиот суд во Скопје ќе ја известат Европската федерација на новинари (ЕФН), каде што ЗНМ е членка, со укажување дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство.