Подобра комуникација и транспарентност на владините институциите и здравствените центри, побараа од Здружението на новинари на Македонија, откако до нив пристигнале забелешки од нивните членови.
Оттаму посочуваат дека институциите не смеат да си дозволат да споделуваат информации само со одредени новинари или медиуми пред одржување на прес-конференциите и на тој начин да се обезбедува ексклузива на одредени медиуми, наспроти сите останати кои се упатени да ги следат прес-конференциите.
„Кога се наоѓаме во вака деликатна ситуација, сите медиуми треба да имаат еднаков пристап до информации кои се важни за јавноста“, сметаат од ЗНМ.
Според нив, навреда за професионалните новинари е емисијата насловена како „Ковид -19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот“ организирана неодамна од страна на Владата, каде во својство на новинари се јавија државни службеници. Од ЗНМ бараат ваквите формати на комуникација од страна на владините претставници да се избегнуваат во иднина.
„Укажуваме дека ние како организација, a и голем дел од нашите членови, сме незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите. Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања. Ова дава можност, тој да биде селективен во своите одговори. Ваквиот однос остави впечаток дека на дел од прашањата соговорниците не знаат да одговорат или пак своите сознанија не сакаат да ги споделат со јавноста. Затоа, бараме во вклучувањето, со цел обезбедување на целосна информација од соговорникот, да се остави простор на новинарите за да постават потпрашања“, сметаат од ЗНМ.
Тие предлагаат организирање прес-конференции на отворено кога тоа го дозволуваат временските услови со физичка дистанца меѓу новинарите, но и меѓу новинарите и соговорниците. Сепак, напоменуваат дека оваа опција не треба да ја исклучи првата опција, бидејќи таа се покажала како корисна за новинарите од другите градови.
Од ЗНМ ја критикуваат последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот Максим Георгиевски. Таа според нивните членови, била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт и со тоа се изложиле на здравствен ризик, со оглед на тоа дека подоцна се укажа дека градоначалникот бил заразен од Ковид-19.
„Освен ова, уште еднаш укажуваме дека Владата не треба да им го скратува правото на прашања и учество на прес-конференциите ниту на онлајн медиумите кои не се наоѓаат во Регистарот на професионални онлајн медиуми, бидејќи Регистарот е доброволна организација, не е направен за таа намена, туку со цел јавноста и бизнис заедницата да ги препознае професионалните медиуми“, реагираат од ЗНМ, додавајќи дека ова се однесува и за слободата на движење на новинарите за време на полицискиот час.
Во однос на најавите за нови законски уредби за санкционирање на лажните вести и пресметки со медиумите, од Здружението потсетуваат дека главната задача на институциите во овие моменти треба да биде обезбедување на максимална транспарентност околу кризата предизвикана од пандемијата и економската криза, а не да се занимава со ограничувања на слободата на изразување.
„Најдобар начин за дефакторизирање на дезинформациите е поголемата транспарентност и користењето на саморегулацијата во медиумите“, истакнуваат од ЗНМ.
Покрај ова, од Здружението бараат институциите да обезбедат услови за тестирање на новинарите и медиумските работници ако тоа е побарано од нив.
Од друга страна, од ЗНМ го поздравуваат потегот на Владата за обезбедување на минимална плата за новинарите и медиумските работници, мерка која јавно ја побараа заедно со новинарскиот синдикат. ЗНМ укажува на ризикот дека доколку кризата продолжи и во следните месеци, потребно е да се размисли за дополнителни мерки за да се пребродат економските тешкотии на медиумите и да се избегне отпуштање на новинари и медиумски работници.
„Овие мерки треба да бидат ефикасни и да ги опфатат не само традиционалните медиуми туку и онлајн медиумите, кои за разлика од традиционалните медиуми немаат примена никаква финансиска помош во изминатиот период“, велат од ЗНМ.
Тие истакнаа дека во услови на глобална пандемија е потребно квалитетни дописништва, па поради ова потсетија на препораките за подобрување на дописничката мрежа на МРТВ и МИА со законски измени, но и со препораки кон националните телевизии и дневни весници.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.