Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува нападот на новинарот на онлајн медиумот strugalajm.org, Арманд Брахо кој, според неговиот исказ, бил изведен од лица за време на конференција на партијата Алијанса за Албанците во хотел во Струга, на која новинарот бил уредно поканет.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги повикува властите брзо да го истражат и да ги казнат насилниците.
„Доколку новата власт сака да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари, мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“ истакна Селмани.
Според исказот на Брахо, кој го пренесуваат од ЗНМ, лица од партијата Алијанса за Албанците го малтретирале, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат.
ЗНМ информираат дека Брахо ги пријавил насилниците во полиција, дека досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.
Од ЗНМ, во нивната реакција, посочуваат и дека ваквиот насилнички атак ја потврдува оценката од Извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година, каде се вели дека нападите врз новинарите се поттикнати од политичките партии.