ЗНМ со осуда за заканите кон новинарот Невриј Адеми од „Тетова Сот“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осуди заканите кон новинарот на „Тетова Сот“ Невриј Адеми од, како што посочија, вработено лице во Општина Тетово.

По објавената сторија за непотизмот во процесот на вработување на сопругата на Раководителот на Секторот за образование во Општина Тетово Валидин Адеми, вчера новинарот добил онлајн закана на Фејсбук, од братот на раководителот Адеми.

„Според укажувањата на колегата, лицето Валмир Адеми вчера во приватна порака му се заканил со зборовите ‘Ми чепкаш во лебот и во семејството затоа од овој момент, ти заедно со твојот газда пазете се’. Заканата е пријавена во Министерството за внатрешни работи и според информациите од колегата Невриј, заканувачот бил спроведен во полициска станица“, соопштија од ЗНМ.

Од Здружението истакнаа дека ќе ја следат истрагата и ќе бараат итна реакција од надлежните институции.

ЗНМ ќе се обрати до Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами и ќе инсистира на одговорност од страна на на лицето кое упатило закана кон новинарот Адеми, дополнуваат оттаму.