Здружението на новинарите на Македонија бара од премиерот Никола Груевски да му наложи на министерот Блерим Беџети да поднесе иницијатива до претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов за аболиција на новинарот Кежаровски, соопшти претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на прес конференцијата која се одржа денеска пред Владата.
Селмани информираше дека тие доставиле писмо до премиерот Груевски во кое го известуваат дека уште пред два месеци, доставиле иницијатива до министерството за правда за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски и до ден денес немаат добиено никаков писмен одговор.
Во писмото се бара од премиерот Никола Груевски прашањето за аболиција на Кежаровски да го стави на една од наредните седници на Владата.
„Ние сметаме дека аболицијата на Кежаровски е во интерес на Македонија, прво затоа што новинарот е невин, нема направено ништо лошо, туку има откриено злоупотреба на институциите и заради тоа не смее да биде казнет и второ заради тоа што со овој случај сериозно е нарушен угледот на Македонија во светот. Ако Владата не реагира брзо на ова барање, постои опасност Македонија да биде забележана во Југоисточна Европа како црна овца во која се осудуваат новинарите заради нивните истражувачки стории. Сега се е во рацете на премиерот Никола Груевски, кој реално може да го искористи неговиот неспорен авторитет во Владата, и да му наложи на министерот Блерим Беџети да поднесе иницијатива до претседателот на државата за аболиција на Кежаровски“, порача Селмани.
Неколку стотици новинари и граѓани вчера протестираа за пресудата на новинарот Томислав Кежаровски но беа спречени од полицијата да протестираат пред Музејот на ВМРО. Откако полицијата со обрач околу објектот им забрани да се доближат до влезот, најавениот мирен протест мораше да се пресели зад Музејот, каде движењето е дозволено само надвор од полицискиот обрач. Дел од новинарите кои се обидоа да поминат покрај кордонот, беа избуткани од полицијата.
Пресудата на основниот суд Скопје 1 да го казни новинарот Томислав Кежаровски, обвинет во случајот „Ликвидација“ на четири ипол години затвор, предизвика бројни реакции во медиумската заедница, но и кај граѓаните. Осуда пристигна од повеќе меѓународни организации меѓу кои и ОБСЕ, Репортери без граници и Европската федерација на новинари (EFJ).
Новинарот Кежаровски беше уапсен пред пет месеци во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години во два броја на магазинот „Репортер 92“. Полицијата со специјалци го приведе Кежаровски, под сомнение дека оддал информации за сведок, за кој тврди дека бил заштитен, со што го прекршил законот. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.