ЗНМ: Спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на опструкцијата и попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја вршат својата работа од, како што велат, неодговорни поединци – жители на селото Галате, општина Врапчиште.

Според информациите кои пристигнале до ЗНМ од колегите новинари и медиумски работници, денеска при земање на изјави и снимање на инсерти екипите на ТВ АЛСАТ и ТВ21 биле вербално нападнати и спречени да ја извршат својата професионална работа на јавен простор.

Случајот е пријавен во полиција.

„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од особена важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Очекуваме дека ќе има брза истрага за инцидентот со цел одговорните да сносат последици, а воедно да се спречат и демотивираат вакви инциденти во иднина“, велат од ЗНМ.

Укажуваат дека попречувањето на новинарите и медиумските работници да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо и придонесува кон цензура.