Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) преку соопштение до јавноста изразија негодување од судската пресуда против ИРЛ, посочувајќи дека тоа претставува поткопување на достоинството на новинарската професија, напад врз интегритетот на новинарите и на слободата на изразување во Македонија.
На судско рочиште пред два дена во Основниот граѓански суд Скопје, судијката Јованка Спировска Панева пресуди дека Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), и главната уредничка Сашка Цветковска, извршиле клевета врз поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
„Во судницата пред присутните, судијата Спировска Панева наместо детално образложение на пресудата, таа на крајно скандалозен, срамен и непрофесионален начин искажа квалификации дека ИРЛ било регистрирано како здружение на граѓани“, а тужената ја нарече „новинарката која што се претставувала како истражувачки новинар алудирајќи на Цветковска, со цел да ја дисквалификува новинарската работа на медиумот. Покрај ова, судијата Спировска Панева истакна дека Здружението на новинарите на Македонија правело циркус со поднесувањето на претставката до Судскиот совет за утврдување на нејзина одговорност, притоа оставајќи впечаток пред присутните дека токму со оваа претставка, ЗНМ и укажало дека таа донела правилна одлука, иако истиот судија во првата пресуда со истите докази не најде елементи на клевета“, велат новинарските здруженија во заедничкиот став.
„Од друга страна, непријатно сме изненадени од Фероинвест кои во текот на вчерашниот ден преку комерцијални објави во медиумите се обиде да се пресметува со новинари, изнесувајќи лични навреди, како и повик за институционален линч на граѓански организации. Сметаме дека на овој начин се прават обиди да се влијае на понатамошните одлуки на судот“, додаваат од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
Новинарските здруженија велат дека за случајот реакции има и од Европската федерација на новинари (ЕФН) и Меѓународната федерација на новинари (МФН), како за транспарентноста, така и за самата пресуда.