Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди денешниот, како што посочија, непринципиелен однос на новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев да ги отстрани присутните сниматели, а притоа да им биде дозволено присуство на новинарите на седницата.
Од ЗНМ велат дека ова е лоша пракса која може да биде лесно преземена и од други институции и да придонесе кон нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти.
„Фактот дека една долго воспоставена позитивна пракса за следење на расправата со присуство на сниматели е прекината со едно нелогично образложение дека снимателите ја попречуваат работата и влијаат на концентрација на присутните, без притоа претседателот Георгиев да објасни на кој начин снимателите одеднаш станаа пречка за работењето на советот. Не гледаме никаква оправданост во причината на оваа донесена одлука од страна на претседателот Георгиев. Согласно Деловникот за работа на Судскиот совет, поточно во член 7 таксативно се наведени околностите со кои може да се исклучи јавноста, но во конкретниот случај не е исполнет ниту еден услов за тоа“, велат од Здружението на новинари.
Тие бараат овој инцидент да биде само исклучок, а во иднина побараа Судскиот совет да работи согласно своите надлежности и неговата работа да биде отворена за јавноста како со присуство на новинарите, така и за снимателите.
„Очекуваме дека претседателот на Судскиот совет ќе ја преиспита оваа Одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите ќе овозможи услови за присуство на седниците на сите заинтересирани медиумски работници“, посочија од ЗНМ.