ЗОО Скопје почнува кампања „Кажи стоп за петарди и огномет“ со цел да ја зголеми свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во текот на празничните прославувања.
Според нив употребата на пиротехнички средства е опасно како за луѓето така и за животните.
„Милиони птици угинуваат од стрес, или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки за кои потоа нема кој да се грижи и умираат од глад и дехидрација, кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај срцев удар од страв, дивиот свет исто така страда. Бучавата и светлината ги вознемируваат до степен да може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат. Се создава загадување на воздухот преку испуштање на отровни хемикалии, но и загадување со бучава. Децата може да се повредат и да останат со ампутирани делови од телото а кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност“, велат од ЗОО.
Сите основци, средношколци и граѓани кои сакаат да бидат дел од кампањата можат да направат цртежи на тема: „Кажи стоп за петарди и огномет“ и да ги испратат на zooskopje@zooskopje.com.mk .
Од најдобрите цртежи на крајот на месец декември ќе се направи изложба во просторот на градината а потоа како ќе бидат изработени постери и ќе бидат закачени низ сите маала.