Скопската Зоолошка градина од денеска ќе биде затворена за посетители, а притоа предвидени се и други мерки за заштита, откако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираше дека e утврден случај на птичји грип.
„По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина Скопје и поставен сомнеж за болеста Авијарна инфлуенца (Птичји грип), по лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, од 18.10.2024 година, потврден случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на Птичји грип H5N1. Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјалени ветеринари спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца“, соопштија од АХВ.
Од таму појаснуваат дека е забранет влез и излез на животни од зоолошката градина, ограничено е движењето на посетители, притоа наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во ЗОО Скопје за присуство на вирусот на птичји грип, како и зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел, како што велат, сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од градината кај животните и кај луѓето.
„Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители. Последните случаеви на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош“, велат од АХВ.
Агенцијата во соопштението до јавноста пишува дека Авијарната инфлуенца или птичји грип е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ од фамилијата Orthomyxiviridae, која, како што велат, може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.
„Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на птичји грип кај дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест. Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ“, стои во соопштението на АХВ.
Денеска претходно со свој став за случувањата се јавија и од ЗОО Скопје. Тие обвинија дека птици се убивани без налог и образложение.
„Изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство придружувани од лица со оружје упаднале во зоолошката Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од Градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот. За ова дело ЗОО Скопје ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“, соопштија од скопската зоолошката, кои до медиумите истовремено испратија и снимки од убивањето на птиците.
За случајот реагираа и од иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ). Оттаму велат дека животните во Скопската зоолошка градина преживуваат во услови што не се здрави ниту за нив, ниту за луѓето, а особено не за децата кои секојдневно ги посетуваат.
„Состојбата со птичјиот грип само ја открива вистината што сите ние ја игнорираме – овие животни заслужуваат подобар живот!“, реагираат од ЗХГ.
Како Зелен хуман град, бараат Зоолошката градина да ги подобри основните услови за живот на животните. Додека тоа не се случи, велат тие, ќе поднесат барање за мораториум до советот на Град Скопје – да се стопира внесот на нови животни додека не се обезбедат минимални стандарди за нивна добросостојба.
„Зоолошката градина треба да ја гледаме како луксуз, а не како евтин спектакл! Ако сакаме да видиме здрав и прав слон донесен дури од Африка, можеби ќе треба да инвестираме повеќе од 80 денари за билет, исто како што плаќаме 370 денари за филм во ‘Синеплекс’. Ако навистина сакаме зоолошка со здрави животни и пријатни услови како во другите европски градови, треба да бидеме подготвени да инвестираме во неа. А ако не сме подготвени на тоа, тогаш можеби ќе дојде денот кога ќе имаме само Холограмска зоолошка полна со проекции на животни од целиот свет“, стои во реакцијата на Зелен хуман град.
Бојан Шашевски