Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски изложува на меѓународниот фестивал Месец на дигиталната уметност во Париз, Франција. Темата на фестивалот за дигитална уметност е мирот, слободата и ставањето крај на агресијата.
Попоски ќе се претстави со видео арт делото „Парче мир“, а неговото дело е застапено и во посебниот осврт кон фестивалот објавен во Артилери Магазин, реномирано списание за современа уметност што се објавува во Лос Анџелес.
„Она што е уникатно за ова уметнички дело е дека сите елементи во него – поезијата, видеото и музиката – во целост се создадени со помош на креативна вештачка интелигенција“, вели уметникот.
Второто издание на Месецот на дигитална уметност во Париз вклучува 30-тина светски дигитални уметници, со изложби на дополнета реалност и видео арт на дузина локации ширум француската метропола.
Фестивалот е конципиран како едномесечна прослава од 1 до 30 јуни на дигиталната уметност и новите медиуми во организација на светски реномираниот Саем за крипто и дигитални уметности (KАДАФ).
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.