Како и многу други „миленијалци“, Lena Dunham го напушти Твитер. Минатата недела, во подкастот Re/code Decode, вечно спокојната актерка, феминистка и писателка рече дека ја напуштила социјалната мрежа затоа што таа станала опасен простор кој во неа создал нешто „канцерогено“. Во суштина, и било доста од борбата со троловите. Dunham ќе продолжи да пишува твитови, но со интеракциите ќе се занимава нејзината екипа. И додека се повеќе славни личности им ја доверува одговорноста за своите 140 (или помалку) знаци на своите помошници, обичните млади луѓе ширум светот исто така ги бришат своите профили од сите можни платформи. По солидни десет години неодолива социјализација во нашите животи, зошто миленијалците и староседелците од „Генерацијата З“ бегаат од друштвениот простор?
Треба да се забележи дека некои луѓе развиваат нездрава зависност од социјалните мрежи, додека други им се препуштаат рекреативно, без последици. Можеби тој однос на љубов и омраза кој многумина го развија со моменталните, во потполност обземачки социјални платформи, нема врска со самата технологија, туку со начинот на кој луѓето го користат и го злоупотребуваат. Друштвените мрежи процветаа, а заедно со нив и потенцијалот за нездраво следење на луѓе, преголемо ангажирање кое го одвраќа вниманието, страв од пропуштање (FOMO), напади на љубомори и опасност од преголема надворешна бучава.
Да ја земеме за пример Ali Segel, позната и како @OnlineAlison. 29-годишната писателка „раскина“ со Фејсбук, но на крај трчајќи му се врати. „Го избришав кога забележав дека премногу ги следам луѓето, тајно ги набљудувам. Но, на крајот секогаш повторно го активирам профилот“, вели таа.
Значи, што е тоа што ја држи таму? Како и за многумина други, Фејсбук е исклучително корисна алатка за професионална промоција. „Во контекст на кариерата, чувствувам дека ми е потребен за да останам релевантна. Својот менаџер го најдов кога го заинтригирал статус што го ставив на Фејсбук. Но, не е само работата. Свесна сум дека сум на границата на онлајн зависност. Штом почувствувам некоја емоција, одам на Фејсбук, Инстаграм или Твитер да постирам некаков статус или слика. Попрво чекам интеракција со комплетни странци, отколку што го чувствувам она што требало да го чувствувам. Прекрасен начин да останам во потполност неприсутна, да го нахранам егото, да се „самосаботирам“ и да бидам мазохист“, вели Segel.
На Редит, младите луѓе пишуваат за своите искуства со напуштањето на социјалните мрежи на преписка со наслов: „Вие кои ги избришавте профилите на социјалните мрежи, како тоа делуваше на вас?“. Еден корисник пишува: „Прекрасно чувство е кога не мораш повеќе да талкаш низ тие тони срање од оние воини за општествена правда, „кликбејт“ статии, сензационалистички вести, бесрамна пропаганда од двете страни на политичкиот и религиозниот спектар или да се обидуваш да водиш интелигентен разговор со луѓето, само за да те откачат со „Позз Фелиција“ или со надмено „меме“ со Willy Wonka, наместо да се однесуваат како возрасни и да го аргументираат своето мислење.“
Друг корисник, кој одржува профил на Фејсбук како алатка за правење настани и се обидува да не се вклучува повеќе од тоа, додава: „Дефинитивно сум посреќен човек кога не сурфам низ страниците на моите пријатели и не ги читам нивните последни објави во мојот фид.“ Тој ист корисник детално пишува за културата на љубомора и завист која ја создаваат овие сајтови за вмрежување. „Она што почна како начин да ги одржувате контактите, полека стана некаков величествен збир на најдобрите делови од совршените животи кои сите ги живеат. Насловната страна е преполна со веренички прстени, новородени бебиња, ноќни излегувања и истрчани маратони. А тогаш, не размислувајќи воопшто за нив, почнуваш да го споредуваш својот живот со нивните животи. Почнуваш да се прашуваш каде си погрешил, додека сите други ги остваруваат своите соништа. Фејсбук стана една случајна јама на очајот и самосожалувањето, и што подлабоко слегував, сè полошо се чувствував излегувајќи од неа“, вели тој.
Не е ништо ново тоа што социјалните медиуми, посебно Инстаграм, им овозможува на луѓето на светот да му го претстават одбраното, идеализираното, најдоброто „јас“. Она „јас“ кое е непрестајно гламурозно и на годишен одмор, неверојатно ослободено од нередот и од секојдневната обичност. Дури и „искрените“ моменти се наместени, како инаку совршената жена која позира со точка бисерна крема против мозолчиња, со самоосудувачки опис на фотката. Минатата година, една жена лажираше петнеделна екскурзија во Југоисточна Азија како експеримент со цел откривање на моќта на социјалните мрежи за манипулација со реалноста.
Брзо истражување на Твитер открива преовладувачко чувство на замор од социјалните мрежи. Liz, модна дизајнерка, вели дека го избришала профилот на Фејсбук пред четири години и мисли дека следен ќе биде налогот на Инстаграм. Jessy своевремено пишувала блог, но во последно време стагнира, вели дека не објавила ништо на Инстаграм 70 недели и дека одговорот на моето прашање е нејзиниот прв твит од 2014 година. Иако ги одржува своите профили на сите мрежи освен на Фејсбук, не влегува во интеракција со никого, а себеси се опишува како „неформален набљудувач“. Stacy, асистентка на лекар од Лондон, го избришала својот Фејбук-профил пред три години, кога „станал непослушен и објавил приватни пораки на нејзиниот ѕид.“ Не се кае за својата одлука. И Kate, писателка, го избришала својот Твитер, откако сфатила дека повеќето нејзини твитови биле за мамурлак.
Кога актерот и рапер Jaden Smith го избриша својот профил во мај, настана хаос. Неговото изненадно заминување инспирираше безброј шпекулативни статии за свет без твитовите како: „Како огледалата можат да бидат реални, ако нашите очи не се.“ Ќе мораме накнадно да ти јавиме за тоа, Jaden. Секако, тој се врати на Твитер, одржувајќи ја мистичноста со тоа што следи само пет луѓе. Јавноста доживеа уште еден шок кога ангелската ќерка на Johnny Depp, Lily-Rose наизглед изврши „самоубиство на социјалните мрежи“ и ги избриша СИТЕ фотки од својот Инстаграм. Се покажа дека во прашање била лажна тревога и дека профилот и бил хакиран.
Зошто тогаш луѓето се повлекуваат од социјалните мрежи? За „Генерацијата З“ во која најстарите имаат 19 години, една од најголемите причини е се поголемата желба за приватност. Според Њујорк Тајмс, припадниците на оваа генерација се посвесни за своите дигитални отпечатоци и не сакаат да бидат фотографирани во компромитирачки пози без нивно знаење и дозвола. Тие не се единствени кои копнеат по трунка анонимност во ерата на претераната изложеност. Дизајнерката од куќата Céline, Phoebe Philo, вели дека „најшик работа е кога не постоите на Гугл. Боже, како би сакала да бидам таа личност.“
Мислам дека сите знаевме дека ова ќе се случи. Гратификацијата и возбудата поврзани со друштвените мрежи значително избледеа, додека едноставно премногу слики и гласови се борат за внимание, предизвикувајќи нешто како илјада „клинци“ гладни за внимание, кои зборуваат наглас, истовремено зборувајќи се и ништо. Катастрофа со која владее беззаконие. Секако, многумина од нас и натаму скролаат низ фидовите на автопилот, безумно лајкуваме слики од кактуси, читаме топли потписи на фотките, додека во себе не чувствуваме ништо.
Но, како и да е, се повлекуваме од социјалните мрежи за да се опуштиме и да си ги избистриме главите, во потрага по смислени и автентични односи, одрекувајќи се од безвредните мислења на другите, во корист на мислењето на експертите. Доста беше од она правило „фотка или не се случило“.
Извор: Vice