Во текот на летниот период се работеше на изградба на два нови училишни објекта во Кичево. Станува збор за новиот дел на средно училиште во Кичево и за периферното училиште во село Махмуте, кое е во рамки на ОУ „Санде Штерјоски“.
За вториот објект беше најавено дека учениците ќе почнат со настава во 15 септември, но тоа уште се нема случено. Директорот на ова училиште, Лулзим Мехмети, рече дека објектот е готов за настава од месец септември, како што и беше најавено.
„Овој проект е инвестиција на турската организација Тика во соработка со Општина Кичево. Оваа организација во последно време е во процес на промена на координаторот. Ние чекаме да се именува новиот координатор на Тика и да се одреди датумот за свечено отворање“, рече Мехмети.
Во меѓувреме учениците од ова училиште продолжуваат со настава во стариот објект, кој, всушност, е приватна куќа.
Работите во новиот дел на објектот на гимназијата во Кичево, каде што учат учениците од СОУ „Дрита“ и СОУ „Мирко Милески“, сѐ уште продолжуваат и овој објект, исто така, не се отвори за учениците на почетокот на октомври, така како што беше најавено.
„Работите се при крај и останува да се уреди само инвентарот. Во почетокот на октомври може да се почне со настава таму. Нашата гимназија ќе го има приземјето, а на првиот кат ќе имаме две канцеларии. Нашиот план е од овие простории да направиме осум кабинети за избедување практична настава на учениците.
Ние веќе го имаме кабинетот за информатика и за фармација, а многу брзо ќе ја добиеме и потребната опрема за кабинетот на електротехника од едно училиште во Норвешка. Во меѓувреме ќе се направат и кабинетите за биологија и за хемија“, рече директорот на СОУ Дрита, Неби Билали.
И овој објект е инвестиција на турската организација Тика. Ист толкав простор во новиот објект има и СОУ „Мирко Милески“, а еден дел од него е наменет за три турски паралелки, кои се дел од ова гимназија.
Фатљуме Дервиши