Низ историјата, активизмот бил средство за одбрана на историските слободи и за борба против неправдите. Сега, не е чудо што масовните протести повторно стануваат важна тема. Сведоштвата на петмина активисти за Гардијан откриваат кои се мотивите и поттикот зад нивната одлука да се вклучат во протести:
Lola Okolosie: Стоејќи во солидарност со другите, се почувствував моќно
Првпат излегов на протест предизвикана од БАЕ системи, компанијата за оружје која „не произведува бел фосфор“, но „му испорачува одредени чадни бомби што содржат бел фосфор на британското Министерство за одбрана“. Компанијата финансираше неколку стипендии на универзитетот на кој студирав. Бев вџашена од оваа врска и почувствував олеснување кога открив дека има и други кои сакаат да направат нешто во врска со тоа.
Неколку години подоцна, марширав на протест против неизбежната инвазија на Ирак и почувствував возбуда што бев дел од еден колектив. Не бев сама, и стоејќи во солидарност со други луѓе, кои не ги познавам, од сите сегменти на општеството – се почувствував моќно. Знаеме дека нашите пароли и барања не беа слушнати тој ден, но во секој случај, тие одѕвонуваа во деценијата што следеше.
Ова лето, мојот партнер и јас газевме по полињата на Бедфордшир со нашиот син, тогаш двегодишен, и ќерката од шест месеци, за да се приклучиме на протестот пред собирниот центар за жени бегалци Јарлс Вуд. Слушајќи ги гласовите на жените внатре, охрабрени од нашето колективно присуство, ни стана јасна моќта на протестот. Ваквите моменти, секако, се дел од подолгата борба, но тие ги одржуваат движењата.
Треба само да го погледнеме индиското движење за несоработка на Ганди и јужноафриканската борба против апартхејдот, за да ни стане јасно дека протестите функционираат. Победите можеби се чинат како мали чекори, но тие се тука. Ова е нешто што го разбираат многу луѓе кои во последно време се вклучуваат во протестите. Нашето активно учество навистина вреди, а колку и да се чувствуваме безгласни, свесни сме дека нешто менуваме. Еве ја вербата во акција.
Billy Bragg: Совршениот противотров за „активизмот преку тастатура“
Протестните маршеви ни даваат начин да се поврземе со некоја тема, можност да престанеме да „мрчиме“, да станеме и да се смета на нас; да ја „наполниме“ сопствената посветеност за каузата и да научиме нешто за другите луѓе вклучени во слични борби. Излегувањето на улица е моќен начин да се манифестира поддршка и да се помине денот со луѓе кои ги делат вашите грижи. Тоа е совршен противотров за „активизмот преку тастатура“, кој често знае да биде измачувачко искуство.
Излегов на својот прв протестен марш во 1978 година. Имав 20 години и работев во канцеларија во која расизмот, сексизмот и хомофобијата беа секојдневие. Тогаш, отидов на карневалот „Рок против расизам“ во Лондон и марширав до паркот Викторија, каде настапуваа X-Ray Spex, Steel Pulse, Tom Robinson Band и The Clash.
Бендовите не беа тоа што ми даде поттик да ги изразам своите убедувања – тоа беа десетиците илјади млади луѓе како мене кои беа присутни на маршот. Тоа што бев меѓу нив, ме натера да сфатам дека сум дел од едно движење кое значеше многу повеќе од противењето на фашистите. Самиот марш можеби не го искорени расизмот, но масовниот израз на солидарност со црнечките и азиските заедници во Британија испрати силна порака во градот во кој екстремно десничарскиот Национален фронт беше четвртата партија на тогашните локални избори.
Целиот ден беше „искуство што ги отвора очите“. Никогаш претходно немав сретнато човек што е геј, но кога Tom Robinson ја свиреше песната „Glad to Be Gay“, многу мажи околу нас почнаа да се бакнуваат. Нивното присуство ме натера да сфатам дека протестот не беше само против расизмот, туку против дискриминација од каков било вид. Се вратив на работа во понеделникот одлучен да се побунам против вербалните злоупотреби.
Simon Hattenstone: Дури и Кралицата би сакала да излезе на протест
Протестот е добар за душата. Ако нема ништо за што би сакале да протестирате, исто е како да сте мртов. Се обложувам дека дури и Кралицата, кога би имала можност, би сакала да излезе на протест. („Што сакаме? Република! Кога? Сега!“)
Отсекогаш сум бил протестант во срцето. Како дете бев болен и тоа ме политизираше. Мислев дека животот не е фер, затоа што сум болен. Двојно нефер затоа што лекарите не ми веруваа. Тројно нефер затоа што морав да одам на психијатар, иако беше јасно дека таа е луда, а не јас.
Откако оздравев, секогаш чувствував поврзаност со послабите, и ги мразев привилегиите. Секогаш се борев кога чувствував неправда. Кога мојот класен раководител рече дека добро учам по сите предмети, освен географија, ја натерав да го смени исказот дека не се трудам доволно – во „не ме бива“.
Потоа отидов во училиште за граматика во шест недели и имав расправија поврзана со поемата „Пуста земја“ на T.S. Eliot со наставникот по англиски јазик. Јас мислев дека поемата е песимистичка, тој инсистираше дека не е, а кога одбив да го сменам мислењето, тој ме нарече „своеглаво копиле“. Откако видов во речник што значи тоа, отидов кај директорот на училиштето, ја искинав школската кравата и му кажав дека си заминувам. Во училиштето во кое потоа се запишав, тој им кажал дека сум бил исклучен. Копиле.
На универзитетот, јас и мојот пријател Џон протестиравме за се и сешто: против убивањето на геј китовите, затоа што не се размножуваат, против лидерот на Конзервативната партија Keith Joseph, во поддршка на рударите.
Suzanne Dhaliwal: Ги креваме гласовите на луѓето на фронтот
Како жена што не е бела, која живее во Велика Британија, навистина не можам точно да го одредам моментот кога станав „активист“ – и почнац да се борам против системскиот сексизам, расизмот и опресијата, едноставно, е дел од моето постоење. Неверојатно е да се гледа како новите генерации активисти, кои разбираат дека повеќе не можеме да ги делиме темите или да им служиме на владите или компаниите за да стигнеме до промените кои сакаме да ги постигнеме. Овие нови активисти се доволно храбри за да се соочат со корените на уништувањето на природата, капитализмот и колонијализмот.
Во 2009 година учествував во создавањето на мрежата UK Tar Sands, со нашиот партнер, Indigenous Environmental Network. Користејќи интервенции во нафтените компании BP, Shell, RBS и Total, работевме на подигањето на гласовите на заедниците кои се на линијата на фронтот во Алберта, на Арктикот, каде Shell вади нафта и долготрајните ефекти на нафтената дамка на BP во Мексиканскиот залив. Низ нашиот активизам, увидовме дека меѓународната солидарност може да ги издигне гласовите на луѓето кои се на фронтот на климатските промени.
Ова често значи дека мора да се спроведува активизам и внатре, во самите активистички движења. Систематскиот расизам во движењата за заштита на животната средина е штетен за целата кауза, посебно во Британија. Ова е нешто на што треба да работиме во 2016 година, затоа што тоа може погрешно да ја претстави вистинската работа што луѓето ја прават на теренот, потоа да влијае врз пристапот до ресурси, но и да ги поттикне стратегиите кои имаат вистинско значење и импакт врз климатската криза со која се соочуваме.
Како што видовме во климатските преговори во Париз, владините акции водат до малку напредок, а слично е и со барањата кои ги испраќаат невладините организации. Вистинските промени доаѓаат од движењата водени од заедницата, на самата линија на фронтот. Движењето за правата на домородното население во Канада и кампањата Rhodes Must Fall ми даваат многу надеж. Тие се втемелени во длабока историја на општествени промени, а во исто време се релевантни во актуелната енергетска криза и ги откриваат корените на климатската криза, кои се во колонијализмот и во капитализмот.
Nina Power: Без протестите би ги немале нашите историски слободи
Понекогаш се чудам зошто нема повеќе протести и немири, и покрај тоа што гледаме растечки број на луѓе што имаат волја да излезат на улиците и да го изразат незадоволството од актуелните состојби. Протестите се често нејасни, несигурни искуства – премногу често резултираат со итна казна од полицијата, судовите и затворите, но во некои други случаи, реакцијата од државата е збунетост и тишина. Понекогаш протестите се славни општествени настани, полни со слики на една различна иднина, а понекогаш – протестите функционираат.
Треба само да ги погледнеме методите кои државите ги користат за да ги задушат протестите, кои стануваат се поекстремни, начините на кои полицајци се инфилтрираат во групите што протестираат, напаѓаат со коњи, тепаат со палки и ги влечат протестантите по судови. Ова ни покажува дека владите многу сакаат да ги обесхрабрат луѓето јавно да го покажат своето незадоволство.
Отсекогаш сум чувствувала дека можноста за протест и протестирањето кое ги остварува своите цели (колку и време да треба), е клучно. Јасно е дека без протестите, не би ги имале денешните слободи, остварени низ историјата. Луѓето често сакаат да ја бранат слободата на говорот, што исто така е клучно, но понекогаш истите тие луѓе се воздржуваат да го бранат правото на протест, кога луѓето окупираат некој простор на поинаков, помалку хипотетички начин. Има многу причини зошто луѓето не можат да бидат на улиците и тие можат да бидат загрижени за тоа дали да ги донесат своите деца, поради опасност од полициско насилство, но да се надеваме дека има многу други начини за противење на „лошите нови работи“, како што тоа го формулираше Брехт.