„Ходниците се тесни за лицата кои поминуваат да се допрат со лактовите и да си кажат Здраво“, ова е една од „мистериите“ за контрукцијата на еден од најпознатите студентски домови во Македонија, Гоце Делчев во Скопје. Ја откри професорот Георги Константиновски, кој иако во пензија, сеуште е активен на Архитектонски факултет Скопје и ќе остане запаметен како еден од архитектите кои го проектираа овој студентски дом.
Предавањето на професорот беше само дел од културниот настан „Домот е наш“, кој се случи викендов пред платото, помеѓу четирите кули од домот, а со цел да го актуелизира просторот околу студентскиот дом.
Денот започна со Еко-акција во која се поставија канти за селектирано фрлање отпад , а екипите од „Паркови и зеленило“ помогнаа и во средување на просторот во дворот. Настанот вклучи и хуманитарна акција за семејството Петковски, кое го изгуби својот дом.
„Како што мајка плаче за своето дете, така јас плачам за овој студентски дом“, забележа професорот Константиновски гледајќи во студентскиот дом и состојбата во која тој се наоѓа.
По неговото предавање, собраните уживаа во спој на музика од Lepi Xhoni VS Krist Krst, како и трите краткометражни филмови „Големиот Петар“ на Лавинија Софрониевска, „На пат кон дома“ на Дина Дума, како и „Помеѓу“ на Владимир Митревски – Ѓуле, идните режисери излезени од Факултетот за драмски уметности- Скопје. Целиот настанот беше организиран од Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ – Скопје.
И додека настанот се одвиваше надвор пред студентскиот дом и додека архитектот којшто работел на него објаснува како од 14 квадрати успеал да направи пристојна соба за студентите, можеа да се видат пропаднатите соби и ходници обвиткани со бетон кој дава морбидна слика.
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е изграден по земјотресот. Во него се сместуваат околу 1200 студенти, а кон крајот на пролетта во него избувна пожар кој отвори многу прашања за безбедноста на студентите овде. Тогаш штигнаа и најавите за негово реновирање, за чија реализација студентите сеуште чекаат.
Емилија Петреска