Здружението на правници Роми од Скопје (ЗПР) упати остра реакција во однос на динамиката со која Министерството за здравство се залага во решавање на проблемот со недостигот на матични лекари во Поликлиниката во Шуто Оризари.
„Министерството за здравство, согласно начелото за достапност од Законот за здравствена заштита е должно да обезбеди пристап до здравствена заштита, кој е географски, физички и економски достапен, особено кога станува збор за здравствената заштита на примарно ниво. Исто така, Министерството за здравство е должно да обезбеди континуираност на здравствена заштита со функционално воспоставен систем на организација на здравствена дејност на сите нивоа од примарно, преку секундарно до терцијарно ниво, на населението во секое време, а особено во време на глобална здравствена криза“, стои во нивното соопштение.
Тие велат дека надлежните иституции имаат обврска, слободното работно место во здравствена установа во Шуто Оризари, да го пополнат преку објавување јавен или интерен оглас за вработување, распоредување на здравствен работник или преземање здравствен работник од една во друга здравствена установа.
„Реакцијата од Министерството за здравство во која се информира дека Поликлиниката во Шуто Оризари, за период од пет години, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина, но на ниту еден оглас се нема пријавено лекар, не може да биде оправдување за невклучување на граѓаните од оваа општина во системот на здравствената заштита, бидејќи тоа би значело постапка со која, наместо да се оди во прилог на навремено лекување, спречување и сузбивање на болести во време на пандемија, негативно влијае и уште повеќе го доведува во ризик здравјето на граѓаните од оваа општина“, велат од здружението.
Во општина Шуто Оризари живеат 22.017 жители, од кои 5 200 жители, 1 200 деца и 8 000 жени во репродуктивен период, кои немаат пристап до здравствена заштита и гинеколошки услуги.
Жителите на Шуто Оризари се надеваат дека златна рипка ќе им го реши проблемот со матичните лекари