„Звукот на идната генерација“ во Филхармонија

„Звукот на идната генерација“ е насловен концертот со студентите од државните факултети за музичка уметност кој ќе се одржи во четврток, 10 јуни, со почеток во 20 часот. Диригент ќе биде маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Моцарт, Ботезини, Моцарт, Шосон, Сен-Санс, Розауро и Равел.

Како солисти ќе настапат Ана Спасовска (диригент III година ФМУ- Скопје, класа: проф. м-р Борјан Цанев), Кристијан Кожумановски (контрабас IV година ФМУ- Скопје, класа: проф. Александар Поп Христов), Пандорка Јанакиева (флејта IV година ФМУ- Скопје, класа: проф. м-р Страшо Темков), Дарко Гроздановски (виолина III година ФМУ- Скопје, класа: проф. м-р Олег Кондратенко), Анастасија Гичевска (пијано III година ФМУ- Скопје класа: проф. д-р Марија Ѓошевска), Зорица Здравковиќ (вибрафон IV година ФМУ- Скопје,класа: проф. м-р Мојца Седеу) и Памела Велкова (виолина III година ФМУ- Скопје, класа: проф. м-р Олег Кондратенко).

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија.

Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.

 

Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.